ИНФОРМАЦИЈА ЗА ЈАВНОСТ
Еспортот стана официјален спорт во Република Северна Македонија.
27.01.2022, Скопје – Агенцијата за млади и спорт го призна електронскиот спорт (Еспорт) за официјален спорт во државата. Директорот на АМС, Наумче Мојсоски, денеска, му врачи „Решение за дејност спорт“ на претседателот на Македонската Еспорт Федерација (МЕСФ) и генерален секретар на Меѓународната Еспорт федерација, Бобан Тотовски.
Директорот на Агенцијата, Мојсоски наведе дека со ова “Навистина ми е голема чест и задоволство што денеска и официјално еспорт федерацијата станува дел од мк спортот. Навистина ми е драго што сме согласни за сите услови и предизвици кои ги носат новите времиња . Сакам да истакнам дека сите спортови во нашата земја имаат и во иднина ќе имаат силна поддршка од Агенцијата за млади и спорт. Се обврзавме да бидеме тука за сите спортови така и ќе продолжиме. Ви честитам на успесите кои до сега ги постигнавте, и ви посакувам поголеми успеси во иднина . Го препознавме вашиот талент и силна желба за големи успеси , ви посакувам како млади луѓе да продолжите со истиот ентузијазам и понатака. Заеднички да ги споделуваме сите ваши достигнувања. Ви честитам!”
За претседателот на Македонската Еспорт Федерација, Тотовски, овој чин претставува потврда на тоа дека земјава ги следи светските движења.
“Кога во 2005-та година почнавме со мисијата за официјализација на Еспортот, искрено, не се надевавме дека ќе требаат 17 години. Во ниту еден момент не изгубивме надеж и мотивација да ја постигнеме целта, а тоа е да го официјализираме Еспортот како спорт”, вели Тотовски.
Според него, сега започнуваат вистинските предизвици за развој на македонскиот Еспорт.
Благодарение на експертизата и советодавните тела на Агенцијата за Млади и Спорт и согласно дадените насоките, Македонската Еспорт Федерација (МЕСФ), во изминатиот период работеше на имплементација на спортските стандарди во согласност со Законот за спорт, како и адаптација на врантрешната структура и интерно-организационите процеси.
МЕСФ е 66-та официјално призната Еспорт федерација глобално, имајќи предвид дека истовремено е и една од 10-те прво формирани еспорт федерации во светот. Еспорт или електронски спорт претставува компетитивно играње видео игри, каде што играчите со употреба на своите ментални и физички способности се натпреваруваат во виртуелна околина.
Популарноста на Еспортот постојано расте со натпреварите што ги организира МЕСФ, национални еспорт лиги и квалификациски турнири за светски и европски шампионати. За прв пат во историјата на Македонската Еспорт Федерација, изминатата година се закитивме со два златни медали и станавме европски и светски шампиони во CS:GO.
Македонската Еспорт Федерација е формирана 2009-та година и е членка на Меѓународната Еспорт Федерација и на Европската Еспорт Федерација. Досега наши учесници биле дел од 15 меѓународни првенства, а ова е нашето најголемо достигнување и исполнување на нашата цел. ГГ!
Со почит,
Македонска Еспорт Федерација