Скопје, 14 јули 2025 – Македонската репрезентација оствари забележителен успех на Европското Првенство во еспорт 2025, кое се одржа од 9 до 13 јули во Приштина, Косово, со учество на 24 национални репрезентации во трите дисциплини: Dota 2, Counter-Strike 2 Open и Counter-Strike 2 Women.
Најголемиот успех го постигна македонската Dota 2 репрезентација, која ја освои титулата Европски шампион, триумфирајќи во големото финале против Белорусија со резултат 2:1. Нашите репрезентативци ја завршија групната фаза без пораз, обезбедувајќи сигурен пласман во полуфиналето. Во финалето уште еднаш ја потврдија својата доминација, носејќи го златниот медал во Македонија.
Значаен настап забележа и македонската репрезентација во Counter-Strike 2, која во силна конкуренција успеа да се пласира меѓу топ 12 репрезентации на турнирот, завршувајќи на позиција 9–12 место. Овој пласман претставува дополнителна потврда за квалитетот и потенцијалот на македонските еспорт играчи и нивната конкурентност на европската сцена.
Македонската еспорт федерација им упатува најискрени честитки на сите репрезентативци кои со својот труд, посветеност и спортски дух ја претставија нашата земја достојно на ова престижно натпреварување. Настапот на ова Европско Првенство претставува важен чекор за понатамошниот развој и афирмација на еспортот во Македонија.