Скопје (25 Мај, 2026) – Фудбалската федерација на Македонија и Македонската еспорт федерација ја потврдија и продолжија својата соработка преку обновување на Меморандумот за соработка, со фокус на заедничките активности поврзани со FIFAe World Cup 2026 и развојот на eFootball сцената во Македонија.
Со ова, двете федерации продолжуваат по патот започнат пред две години, кога беше воспоставена првата официјална соработка помеѓу традиционалниот фудбал и еспорт екосистемот во државата.
Во рамки на актуелниот FIFAe квалификациски циклус, ФФМ и МЕСФ заеднички работат на поддршка и промоција на македонската eFootball репрезентација, како и на создавање подобри услови за македонските играчи да ја претставуваат државата на меѓународната сцена.
Соработката веќе носи позитивен импакт преку поголема видливост, подобра организација и посилен институционален пристап кон eFootball, дисциплина која денес претставува природен спој помеѓу фудбалот и новата дигитална спортска генерација.
Генералниот секретар на ФФМ, Леонид Јандреоски, изјави:
Фудбалот денес се развива и надвор од традиционалните рамки. Продолжувањето на оваа соработка е логичен чекор и можност Македонија да биде дел од модерните спортски текови и на дигиталната сцена.
Претседателот на МЕСФ, Бобан Тотовски, додаде:
Ова партнерство покажува дека еспорт и традиционалниот спорт можат заедно да создадат нови можности за младите играчи и за меѓународна промоција на Македонија. FIFAe е само почеток на една многу поголема приказна.
Двете федерации остануваат посветени на понатамошен развој на ова партнерство и реализација на нови заеднички активности во идните FIFAe циклуси и пошироки esports иницијативи.

