Македонската Еспорт Федерација (МЕСФ) најавува нова соработка со ,,American University of Europe”. Целта на оваа соработка е преку взаемно организирани едукативни програми, настани, турнири, младите луѓе во нашата држава и регионот да добијат вистинска слика за тоа што еспортот претставува денес. Од голема важност е младите луѓе да добијат соодветна едукација и насоки за можностите коишто ги нуди овој спорт.
Еспорт е индустрија којашто се повеќе расте од година во година, а со тоа и создава многу можности за понатамошни професии на младите луѓе. Една од главните цели е да се претстави разликата помеѓу рекреативното играње видео игри и професионалниот гејминг, којшто е суштината на еспортот.
“Голем број на млади луѓе во нашата држава и ширум светот мислат дека единствената опција за професионално занимавање со еспорт е да се биде професионален играч. Нашата заедничка цел е да ги претставиме и другите можности во еспортот за започнување на професионална кариера.” – изјави Бобан Тотовски, претседател на МЕСФ.
Водечките еспорт организации денес, се составени од голем кадар на луѓе којшто овозможува организацијата да функционира на највисоко ниво. Професионалните тимови имаат свои тренери, специјалисти за маркетинг и односи со јавност, спортски менаџери, адвокати итн.
“Американскиот Универзитет на ЕВРОПА ФОН се трансформираше и во својата агенда постави нови постулати на работењето на оваа наша прва високообразовна институција во државава. Спојот на формалното образование, сертифицираните курсеви и тренинзи отворија широк дијапазон на нови програми за обука и дообука која ги зголемува можностите за соработката со институциите од нашата држава. Една од поважните за нас соработки која ја започнавме неодамна е со Македонската Еспорт Федерација, но и гејминг популацијата која и како спорт но и како култура, вредност и начин на живеење ја има кај нашите млади генерации на талентирани деца со реални вредности. Токму тука нашиот универзитет ќе помогне да даде свој придонес со својот либерален но и практичен пристап и да отвори можност овие генерации да бидат успешни во нивниот спортски дух но и во нивниот образовен развој” – изјави претседателот на управниот одбор на “AUE FON”, Сефер Цаноски.
Македонската Еспорт Федерација, со своето долгогодишно искуство и познавање на еспортот, заедно со ,,AEU FON”, ќе развијат програма за едуцирање на младите генерации коишто сакаат својата кариера да ја насочат кон оваа индустрија.