loader image

Скопје во центарот на европскиот еспорт

Скопје изминатите денови беше центар на европската и меѓународната еспорт заедница, со присуство на високи претставници на Меѓународната еспорт федерација (IESF), Европската еспорт федерација (EEF) и повеќе од 30 национални федерации од Европа.

Централниот настан беше Генералното собрание на Европската еспорт федерација, организирано од Македонската еспорт федерација (MESF), на кое присуствуваа околу 40 делегати од над 30 европски земји.

На Собранието за нов претседател на Европската еспорт федерација беше избран Горан Кузмиќ од Босна и Херцеговина, кој во следниот период ќе ја предводи EEF и нејзините активности за понатамошен развој и обединување на европската еспорт сцена.

На делегатите им се обрати и министерот за спорт Борко Ристовски, кој ја истакна важноста на развојот на еспортот, поддршката за младите и значењето на ваквите меѓународни настани за позиционирањето на Македонија на европската спортска сцена.

Во рамки на престојот во Скопје, претседателот на IESF, Влад Маринеску, оствари и средба и разговори со министерот Ристовски, на кои беа разгледани можностите за понатамошен развој на еспортот, меѓународната соработка и позиционирањето на Македонија како домаќин на значајни еспорт настани. Во знак на признание за поддршката кон развојот на еспортот, Маринеску му врачи на министерот Ристовски и Плакета за заслуги.

Во понеформалниот дел од посетата, Маринеску и Ристовски присуствуваа и на ракометен натпревар на Вардар, со што посетата доби и дополнителна спортска димензија.

„Фактот што во Скопје ги имаме претседателот на IESF, раководството на EEF и претставници на повеќе од 30 европски држави покажува дека Македонија може да има значајна улога во европскиот и светскиот еспорт. Особено е важно што градиме силна соработка помеѓу MESF, IESF, EEF и Министерството за спорт на Република Македонија“, истакна претседателот на Македонската еспорт федерација, Бобан Тотовски.

Настаните во Скопје претставуваат значаен чекор кон продлабочување на соработката помеѓу MESF, IESF, EEF и Министерството за спорт на Република Македонија, со цел создавање нови можности за македонските еспорт спортисти, организација на меѓународни натпревари и дополнително позиционирање на Македонија на европската и светската еспорт сцена.

Во рамки на посетата, делегацијата оствари и средба со генералниот секретар на Македонскиот олимписки комитет, со кого беа разменети мислења за идната соработка и развојот на еспортот.

Останати новости